Со изведба на македонската химна од страна на Ѓоко Чеменкоски пред присутните, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници од локалната самоуправа, советници, пратеници, претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, наши сограѓани започна свечената седница по повод 11 Октомври – Денот на Народното востание на Македонија.

Четиригодишната народноослободителна епопеја на македонскиот народ во Втората светска војна ги постави темелите на новата македонска држава и го организира многувековниот стремеж на македонскиот народ за создавање на сопствена држава, рече градоначалникот Пецаков во обраќањето пред присутните.

Силната непокорност и континуираната борба на македонскиот народ резултираше со создавање на самостојна и независна Република Македонија како единствена државна територија на македонскиот народ на балканските простори. Славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври, како патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствената држава и приклучување кон големото светско семејство на народите. Во сите периоди на своето опстојување Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација.

И покрај сите специфики на историските процеси, потенцираше Пецаков, градот доживува национален, социјален, културен и научен развој и продолжува да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и духовност.

За многу одлуки во животот е потребна и храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвиците кои ги носи иднината. Нам ни е потребна онаква храброст, каква што во себе го содржи тој 11 Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на идниот национален развој. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои надоаѓаат. Нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ, додаде Пецаков.

На одбележувањето на 82 годишнината од 11 Октомври – Денот на народното востание и Ден на борецот изразуваме почит и благодарност кон сите кои се бореа и ги дадоа животите за слободна и независна Македонија, рече во обраќањето претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Гоце Георгиески.

Благодарение на пожртвуваноста и храбрите борци на народноослободителната и антифашистичка борба ние живееме во слободна и независна македонска држава, сон на многу генерации кои оставија аманет да ја чуваме со крв спечалената слобода на нашата татковина. Сега кога имаме самостојна македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и да продолжиме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се правото на сопствен индентитет, јазик, историја, култура и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа. Само заеднички, решително и сложно, единствени и обединети можеме и мораме да и бидеме од поголема корист на татковината. Сето тоа, зошто ние немаме резервна татковина, имаме само една држава, добиена со крвта на најдобрите синови на Македонија. Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерациите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата татковина Македонија, додаде Георгиески.

Свечената седница беше збогатена со културно-уметничка програма која ја резализираа учениците од ООУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани и хорот и оркестарот при гимназијата „Св. Климент Охридски“ под менторство на своите наставници.

Во рамки на одбележување на празникот, утре ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ – во Градскиот парк, пред Основен суд – Охрид, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и Градски гробишта.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски