Фудбалерите на Охрид, имаа успешна генерална проба пред стартот на пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад, откако пред своите гледачи со 3-0 (1-0) го совладаа составот на Питу Гули.
Гостите на стартот од натпреварот со седнување на теренот го искажаа револтот кон управата која ги оставила на цедило и да се снаоѓаат самите.
Првата прилика за погодок на мечот му припадна на Питу Гули, но ударот на најистурениот фудбалер заврши за малку покрај охридскиот гол. Охрид после стабилизирањето на играта креираше неколку прилики. Една од нив реализираше Ромео Кочоски во 30-та минута за почетно водство.
„Рибарите“, во второто полувреме продолжија со офанзивната игра. Теренската доминација, охриѓани ја крунисаа со нов погодок. Повторно стрелец беше Кочоски, кој на најдобар можен начин ја круниса тимската акција на охридските фудбалери. Во финишот од натпреварот, Александар Целески се запиша во листата на стрелци и го заокружи триумфот на Охрид.
За охриѓани триумфот над Питу Гули е трет во серија а четврти во подготвителните натпревари. Избраниците на Драган Бочески ги совладаа Караорман (3-1), Велазерими (1-0) и Млади Радник од Србија (4-1). Ремизираа со косовски Кек 4-4 и со Гостивар 1-1, додека минимално изгубија 0-1 на дуелите со Кораб односно Мачва Шабац.
Втората полусезона во второлигашкото друштво стартува следниот викенд. Охрид во првата рунда во локалното дерби гостува кај Лабуништа.
Мх.П.