Серијата без победа на Охрид во подготвителните натпревари продолжи откако „рибарите“ изгубија со минимални 1-0 од албанска Влазнија, додека Лабуништа во меч со седум погодоци славеше против Кораб исто така од Албанија со 4-3.
Тимот на Влазнија предводен од поранешниот селектор на нашата репрезентација Мирсад Јонуз сурово ги казни промашените шанси на „рибарите“ во воведниот дел од натпреварот. Охриѓани не искоритија 2-3 изгледни прилики вклучувајќи и удар од белата точка. Казната стигна после триесет минути игра кога гостите погодија за почетно водство кое успеаја да го задржат до крајот.
Лабуништа и Кораб одиграа ефикасен натпревар. Во отворениот меч подобро се снајдоа пулените од Пепи Џигероски кои постигнаа гол повеќе. Лабуништа полека ја подигнува формата и максимално подготвено ќе го пречека стартот на првенството.
Охрид и Лабуништа во периодов кој следува ќе одиграат нови контролни натпревари а в петок во просториите на ФФМ ќе ги дознаат првите противници во новата сезона и комплетниот распоред.
Мх.П.