Ракометарите на Охрид на најдобар можен начин им го честитаа јубилејниот 30-ти роденден на „Рибари“ совладувајќи го тимот на Пролет со  29-28 (16-12) во дерби средбата од 10-та рунда во Супер лигата.

„Гладијаторите“ со триумфот го заокружија богатиот спортски викенд кој го одбележаа „Рибари“ и останаа во самиот врв од табелата со константен притисок на водечкиот Металург.

Првото полувреме комплетно помина во знакот на охридските ракометари. Од самиот почеток носени од френетичната атмосфера почнаа да играат и водат. Разликата варираше од два до три голови а со добра игра во финишот стигнаа до највисоки четири голови (16-12).

Стартот од вториот не донесе некои драстични промени. Охрид го чуваше водството а Пролет беше тој кој бркаше негатива. На средината од вториот дел Охрид дојде до плус шест 22-16 и контрола на мечот. Пролет не се предаде и со серија од 4-1 дојде до 23-20.

Во последните десеттина минути охриѓани собраа сили ја задржаа предноста на семафорот и забележаа голема победа со конечен резултат 29-27.

Играч на мечот беше голманот Јагош Брауновиќ кој беше на висина од задачата и собра 22 интервенции а голгетерски се истакнаа Тасеки, Манасков и Тот.

Во следната рунда, Охрид гостува во Скопје кај тимот на Работнички.

OhridNews