Деновиве во тек е риболовот на охридска пастрмка за потребите на вештачкиот мрест. Екипата на Ohridnews, направи ексклузивна фото репортажа на Охридското Езеро каде екипи на Хидробиолошкиот институт го вршат вешталкиот мрест.

Уловената риба се носи со чамци на специјалниот брод каде се молзи икрата која подоцна се оплодува со млеч. Оплодената икра потоа се чува во специјални услови во Хидробиолошкиот институт 6-9 месеци додека подмладокот на пастрмка не порасне доволно за да биде пуштен назад во Езерото во природното живеалиште.


министерот Спасеноски учествуваше во мрестот

Во мрестот викендов учествуваше и министерот за земјоделство Ацо Спасеноски кој ни се пофали дека неговата дипломска работа била токму мрест на риба. Тој заедно со одговорниот за вештачкиот мрест од Хидробиолошкиот институт, Зоран Спиркоски, учествуваше во мрестењето на пастрмката.


потребно е да се соберат 3,5 милиони зрна икра

Според првичните информации во изминатите неколку дена собрани се половина милион зрна икри од пастрмка, или една седмина од потребните количества за успешно спроведување на вештачкиот мрест. Активностите на екипите на Хидробиолошкиот институт продолжуваат во наредните денови.

фото: Васко Бујароски