Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ денес го одбележа патрониот празник.

Свеченоста започна со полагање на цвеќе пред споменикот на Ванчо Питошески во училишниот двор од страна на претставници од училиштето предводени од директорот Марјан Радески, како и претставници од Општина Охрид предводени од заменик градоначалничката Ана Крстеска.

Пред дваесетина дена почна да функционира целосно реконструираното училиште каде беа вложени 1.7 милиони евра од Владата на РМ и Министерството за образование и наука. Со ова ќе се подобрат условите за работа на учениците и на вработените во самото училиште и тоа ќе е еден поттик и мотив за постигнување подобри резултати на сите полиња односно во угостителско-туристичката струка, вели Радески.

На свеченост беа доделни и признанија на учениците кои неодамна на 12-тиот меѓународен натпревар на ученици од угостителско-туристички училишта (GАTUS 2024) во Република Хрватска освоија два бронзени и еден сребрен медал, како и признанија на вработени кои имаа јубилееј од 20, 30 и 40 години работен стаж.

Учениците од Регионалниот центар на ГАТУС 2024 постигнаа завидни резултатите освојувајќи два бронзени и еден сребрен медал. И тоа е еден мотив и поттик за понатамошна работа на самите ученици и продолжување на мисијата на училиштето каде ќе образува и продуцира кадар кој е потребен на пазарот на трудот. Денес им беа доделени признанија да им се даде малку повеќе мотив на нив, но и да се мотивираат другите ученици кои учат во Центарот. Беа доделени признанија и на нашите колеги кои годинава одбележуваат јубилејни години работен стаж, посочи Радески.

Во поглед на бројот на запишани ученици вели дека нивната бројка достигнува 240, запишани во тригодишно и четиригодишно образование.

И оваа година и минатите години бележиме раст од 20% на ученици запишани во прва година и се надеваме дека тој раст ќе продолжи и во следните години. Потребата од угостителски кадар има насекаде во целиот овој регион, во Охрид, но и целата држава. Охрид како туристички центар има огромна потреба од туристички кадар. Тој кадар не само во Охрид туку и во другите делови од Македонија е доста потребен. Правиме максимум како училиште да обезбедиме што повеќе ученици односно идни работници кои се потребни во туристичкиот сектор и секогаш сме отворени за соработка со угостителско-туристичкиот сектор и во градот и на ниво на држава. Мислам дека со взаемна помош и од наставниот кадар и од угостителско-туристичкиот сектор ќе постигнеме значителен резултат да направиме што повеќе квалитетни кадри кои ќе одговараат на пазарот на трудот, потенцираше Радески.

Истакна дека следните денови се очекува и доопремување на училниците со мебел, столчиња, клупи, како и кревети и душеци во ученичкиот дом, а за месец до два пристигнува и новата угостителска опрема која ќе ја надополни досегашната, со што значително ќе се подобрат условите каде учениците ја изведуваат практичната настава.

РЦСОО „Ванчо Питошески“ го одбележа патрониот празник, се подобруваат условите, се вложува во обезбедување потребен кадар

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска