Ракометарите на Охрид, запиѓаа нови три бодови на своето конто на табелата совладувајќи го составот на Радовиш со 43-33 (23-18) во осмата рунда од плејаутот во Супер лигата.

Со триумфот над Радовиш, „гладијаторите“ го продолжија победничкиот низ во плејуатот, кој трае од самиот почеток.

Гостите од Радовиш пружија солиден отпор во првиот дел иако на крајот стоеше 23-18 во корист на охридскиот тим. „Зелените“ поведоа со 3-1 и 4-2, а Охрид намали на 5-4. Гол за гол, но со предност на Радовиш се играше до 18-та минута. Охрид со серија 3-0 го презеде водството 14-12 и констатно го чуваше до истекот на 30-та минута од првиот дел.

На стартот од второто полувреме, ракометарите на Охрид уфрлија брзина погоре и предноста од пет голови ја претворија во убедливо водство од 9 погодоци (29-20).  Во продолжението од мечот Радовиш се доближи до шест голови (32-26), но Охрид и со комбиниран состав ги држеше под контрола работите и забележа победа (43-33).

Во составот на Охрид, Мартин Ивановски беше најпрецизен со 11 голови, а Бобан Блажески реализираше 9 погодоци. Во тимот на Радовиш, Божидар Симиќ прецизен беше 12 пати, а Ивица Илиев финишираше со 10 погодоци.

Во претпоследната рунда, охридските ракометари ќе се судрат со Струга на гостински терен во популарното „Езерско“ дерби.

Мх.П.