Повеќе од 60-тина плакати од проекции на филмови кои биле прикажувани во старото кино „Охридско Езеро“ во периодот од 1939 – 1941 година се поставени на изложба од страна на Охридскиот архив. Со изложбата Архивот го одбележува 1 Април – Денот на Државниот Архив.

Опфатени се филмови од разни жанрови, како криминалистички, авантуристички, мјузикли, љубовни… Интересен податок е тоа што филмовите по нивното снимање во многу краток период стигнувале овде во киното „Охридско Езеро“. Некаде во период од една година можеле и граѓаните на Охрид да ги погледнат. Има некои филмови кои и денес ни се познати како „Ромео и Јулија“, „Тарзан“, „Ана Каренина“, детски цртани филмови како „Проклетата кукла“ сега познат под името „Анабела“ што тинејџерите доста го гледаат, „Синот на Франкенштајн“ и многу други, вели Виолета Костоска, помлад соработник во Охридскиот архив.

Тематски се опфатени плакататите на старото наше познато кино „Охридско Езеро“ од фондот на Никола Герман кој ги сочувал и ги предал во  Фонд на Охридскиот архив, вели Мартин Ристовски, помлад соработник во Охридскиот архив.

Тука се повеќе филмови од американски, француски и германски режисери и глумци кои во 30-тите години за краток период се претставени и во тогашното Охридско кино. Интересни факти да ги погледнат нашите граѓани и да видат како нашите предци се анимирале на културен начин во Охрид. Изложените плакати сведочат за историјата. Во оваа насока ги повикувам сите граѓани што имаат свои фондови сочувани да ни се обратат да ги сочуваме како трајна вредност, да можеме да подготвуваме вакви изложби, но и да се прават научни истражувања. Оваа изложба е еден повод и да се поттикне свеста за културата и филмот и старото кино кое е во запуштена состојба, да се најде начин како да се заштити, да стане еден споменик на културата, потенцира Ристовски.

Урбаната изложба е поставена на мини плоштадот кај „Мини маркет“ денес и утре во периодот од 10:00 до 15:00 часот.

Филмови кои ги гледале охриѓани во периодот од 1939 – 1941 година

 

Н.С.Ј.