Весела и празнична атмосфера во Охрид за големиот верски празник Богојавление Водици. Кон празникот Водици охриѓани имаат посебен култ. Утрово илјадници верници присуствуваа на големиот водосвет.
Традиционално на тезгите поставени околу градското пристаниште се точеше греана ракија, се пееше и славеше. Празнична атмосфера се чувствува насекаде низ градот, угостителските објекти се преполни со гости, музика ечи од сите страни.
Голем број верници денес влегоа во водите на Охридското езеро да го фатат светиот крст. Меѓу нив и гостин од Тетово кој рече дека за Водици во Охрид првпат се фрла по светиот крст.
Се чувствувам многу добро. Ова е возвишено чувство за еден православен христијанин кој прави храбар подвиг на ова студено време да влезе во водите на Охридското езеро и да го прими Бога во себе, вели верникот.
Температурата на водата беше 7 степени, надвор имавме пријатно време, немаше силен ветер, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид Сашо Точков, додавајќи дека генерално денот поминал во ред.
Генерално помина денот во ред, немавме посериозни интервенции особено во вода, каде што сите кои влегоа здрави и живи излегоа, немаше некои посериозни повреди, посекотини или не дај боже хипотермија. Во овој дел поминавме беспрекорно. Неколку интевенции се забележани на промрзнати млади деца кои влегле во водите, се пружа соодветна помош и се ќе биде во ред, вели Точков.
Додава дека и традиционалната крводарителската акција организирана за Водици поминува доста добра и се надева дека ќе бидат собрани доволно крвни единици кои ќе се користат понатаму во здравствените установи.
Верниците според обичајот денеска полнеа вода од осветеното Охридско Езеро за здравје и масовно ги посетуваат православните храмови во градот.
Н.С.Ј.