Симулациска показна вежба на извлекување и укажување прва помош на повредени во сообраќајна несреќа, во која учествуваат патничко моторно возило и мотор, денес беше реализирана на паркингот пред плоштад „Чинар“ во организација на Црвен крст Охрид и Одделот за превенција при Секторот за внатрешни работи Охрид.
Тимовите на парамедици при Црвен крст правилно укажуваа прва помош на повредени лица извлечени од патничко возило и правилно извлекување на кацига на повредено лице од мотор.
Правилното укажување прва помош е многу важен сегмент затоа и го провлекуваме низ сите активности од јавен карактер се со цел што повеќе луѓе да научат да укажат прва помош, да сме подготвени да превенираме од сите аспекти. Интензивно работиме со училиштата во поглед на обуките за пружање прва помош. Црвен крст Охрид е овластен за кандидати за возачи за прва помош и тука сме многу ригорозни. Дел од компаниите се доста активни и ги обучуваат своите вработени преку Црвен крст. Тука е и првата помош за пловни објекти која е поспецифична. Познавањето за пружање прва помош на секој може да му биде корисно и потребно во животот, истакна претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски посочи дека исклучително се значајни ваквите показни вежби, кои, вели, ги реализираат периодично, но и перманентно.
Во прашање е безбедноста на учесниците во сообраќајот, институциите кои соодветно и адекватно треба да интевенираат при случаи на сообраќајни незгоди и се разбира од брзите интервенции на нашите служби зависат и исходите од сообраќајните незгоди, односно дали ќе се пружи навреме помош и дали повредениот ќе преживее. Целта на овие показни вежби е да се подигне нивото на сообраќајната безбедност, нивото на безбедност на учесниците во сообраќајот, но и да се подигне севкупното знаење на сите граѓани за сите мерки кои треба или не треба да ги преземат при случени сообраќајни незгоди, потенцираше Димоски.
Посочи дека од почетокот на годинава изминативе месеци е намален бројот на сообраќајни несреќи споредбено со истиот период лани.
Во првото тримесечје годинава на подрачјето на Охрид случени се 39 сообраќајни незгоди, додека во истиот период лани таа бројка изнесувала 45. Ова само по себе говори дека имаме пад на сообраќајните незгоди што е резултат на континуираните активности и ваквите показни вежби, но и самостојно кои СВР Охрид ги реализира на превентивен и репресивен план, додаде Димоски.
На денешната показна вежба присутните кои изразија интерес имаа можност со поддршка на парамедиците на Црвен крст Охрид да пробаат дел од техниките и постапките за правилно укажување прва помош и правилно вадење на кацига од повредено лице.
Фото галерија:
Симулациска показна вежба на извлекување и укажување прва помош на повредени во сообраќајна несреќа
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска