Практичната примена на Плановите за заштита, спасување и евакуација на компанијата „Магна“ во соработка со надлежните институции беше реализирана денес преку симулациската вежба за евакуација на вработените во случај на земјотрес, при кој настанал пожар и пружање помош на повредени лица.
Компанијата „Магна“ е една можеби од поретките кај нас во општините Охрид и Струга на која оперативните планови и се на највисоко ниво, поседуваат различни системи, дојавувачи на пожари, алармни системи, вели командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.
Извршивме вежба евакуација на вработени во компанијата „Магна“ се со цел да видиме дали нивниот План за евакуација и спасување работи. Како што видовме истиот е функционален. Вежбата беше симулација на земјотрес, а после земјотресот и настанат пожар. Вежбата е успешна и се надеваме дека во наредниот период ќе ја продлабочиме соработката и се почесто вакви вежби да се организираат, истакна Јанкулоски.
Превенцијата во дејствување при несреќи и катастрофи е најважниот сегмент и мора да бидеме подготвени да знаеме како треба да се реагира и кој кое задолжение го има, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Токму затоа ги координираме сите институции, сите субјекти кои треба да реагираат во вакви ситуации, но и вработените кои се во одредени установи. За среќа има општествено одговорни фирми кои се грижат за безбедноста во установата како што е компанијата „Магна“ и со нивна дозвола се направи една ваква симулациска вежба. Ова треба да го прават почесто компаниите, бидејќи гледаме се што се случува во светот. И не мора да биде во компанијата може да биде надворешно, поплава, земјотрес, а тие кои се на работните места треба да знаат соодветно да реагираат заради својата безбедност и заради безбедноста на екипите кои дејствуваат. Сите екипи кои учествуваа денес се добро координирани, добро дејствуваат, потенцираше Точков.
Посочи дека после спроведената вежба се изготвува извештај кој се доставува до надлежните служби, а во случајов ќе биде доставен до менаџментот на „Магна“, каде вели една од забелешките е пристапниот пат до компанијата.
Менаџментот треба што побрзо да делува затоа што пристапот на службите кои доаѓаат овде од Охрид е несоодветен и небезбеден. Имаме проблем да се исклучиме од главниот пат за да дојдеме овде. Од кои причинии зошто не се работи патот тоа нас не не интересира. Службите мора ефикасно и навремено да стигнат таму каде се повикани. Благодарение на СВР Охрид беше затворен главниот пат за да можат во спротивен смер возилата да стигнат овде за оваа вежба. Но, во реална ситуација тоа не смее да се случува, мора да има пристап за сите возила, рече Точков.
Во реализација на показната вежба, учествуваа вработените од компанијата „Магна“, екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Територијалните противпожарни единици од Охрид, СВР Охрид, Здравствен дом Струга и Црвен крст.
Фото галерија:
Практичната примена на Плановите за заштита, спасување и евакуација на компанијата „Магна“
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска