„Летувај, не летај“- кампањата за поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот, добива подршка и од повеќе познати личности.

Со делење на едукативни флаери на охриѓани и туристите, низ чаршијата, по плажите и угостителските објекти, со давање совети и потсетување на неопходноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, во кампањата се вклучија познати занаетчии, музичари, спортисти, доктори, актери и други јавни личности.

-Со својот пример тие манифестираа проактивност и со пораки за внимателно учество во сообраќајот, превентивно делуваа искажувајќи ја потребата од поголема сообраќајна безбедност и зголемена безбедносна култура, вели Стефан Димовски  од Општинскиот совет за безбедност.

Едукација и подигнување на свеста за безбедно и одговорно патување во текот на летото и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив, е целта на едукативната кампања „Не летај, летувај“. Кампањата отпочна пред почетокот на туристичката сезона во организација на Министерството за внатрешни работи и Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) а веднаш потоа во Охрид, летово ја спроведува Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП).

Според РСБСП, деновите наменети за летен одмор, во Македонија и во светски рамки се познати како најфатални денови на патиштата кога бројот на сообраќајни незгоди со фатални последици драстично се зголемува. Како одговор на оваа загрижувачка појава и на црната статистика, светските организации секоја година ја реализираат кампањата „100 Deadliest Days of Summer“. Тоа е причина и мотив, токму во овој период, возачите и сите останати учесници во сообраќајот дополнително да се едуцираат за правилата и прописите, односно за начинот безбедно и одговорно да стигнат до посакуваната дестинација.

OhridNews