Со свеченост на која присуствуваа премиерот Груевски, министри во владата, директорот на дирекцијата за слободни економски зони Виктор Мизо, градоначалниците на Охрид и Дебарца Бакрачески и Трајкоски, пратеници, амбасадорката на Германија во Македонија Кристине Алтхаузер и високи претставници на компанијата, познатиот производител на делови за автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“, денеска, ја отпочна изградбата на фабрика во Технолошко – индустриската развојна зона “Струга”.

Според најавите во новата фабрика ќе бидат вработени 1000 лица од регионот.

Фабриката веќе од пред една година започна со работа во браунфилд инвестиција во постоечки објект, испрати повеќе работници на обуки и постепено го зголемува бројот на вработени, но денеска официјално го започна градењето на новата фабрика која ќе биде готова до јуни следната година. Вкупниот капацитет на вработени ќе биде 1000 луѓе, а инвестицијата ќе чини 15 милиони евра. Ќе се произведуваат делови во автомобилската индустрија кои ќе се продаваат во речиси сите земји на ЕУ и во Кина. Најголем купувач сега е Фолксваген, а исто така купувач е и компанијата Лада. Се очекува извозот од Македонија годишно за почеток да изнесува 10 милиони евра и постепено да расте, а ќе има и сериозен износ од додадена вредност во Македонија.-изјави премиерот Никола Груевски.

Тој најави дека наскоро во Технолошко – индустриската развојна зона “Струга” со изградба ќе започне уште една германска компанија „Костал“, која според најавите исто така ќе вработи 1000 лица со што во голема мера ќе се зголемат перспективите на Охридско-струшкиот регион.

Груевски најави дека дополнително во инфраструктурни проекти во регионот на Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани државата ќе инвестира 5.120 000 евра, дел обезбедени од програмата за рурален развој, а дел од програмите на различни министерства.

OhridNews