Годината во која Ракометниот клуб Охрид запиша настап на европска ракометна сцена и го продолжи континуитетот со учество во плејофот и завршницата од Купот на Македонија ја заокружи со победа над вториот тим на Металург 34-22 (19-11) во „Билјанини Извори“ во рамките од 14-та рунда во Супер лигата.
Младите момци на Металург предводени од Раде Стојановиќ на клупата парираа десеттина минути додека влегоа во ритам охридските ракометари. „Гладијаторите“ после нецели 15 минути водеа со 10-6, а пет минути подоцна стигнаа до предност 14-8. До крајот на првиот дел охриѓани ја зголемија позитивата за два голови за водство (19-11) на полувремето.
Охридските ракометари и покрај големото водство не се опуштија во вториот дел и одиграа на исто ниво од првото. Пред истекот на 40-та минута домаќините стигнаа до двоцифрено водство (26-14). Во продолжението од натпреварот „гладијаторите“ ја одржаа разликата на семафорот и дојдоа до конечна победа (34-22).
Најпрецизен во составот на Охрид беше Бобан Блажески со десет погодоци, по четири пати прецизни беа Томислав Кљајиќ и Лазар Адамовиќ. Три пати гостинската мрежа ја погодија Јовица Младеновски, Мартин Ивановски, Иван Тасески и Славиша Димитријески. Во тимот на Металург 2 со пет погодоци најефикасен беше Мице Шилегов.
Со овој триумф Охрид стигна до осмиот вкупно сезонава и мирно во горниот дел од табелата од Супер лигата ќе ја мине зимата. Во пролетниот дел од суперлигашкото друштво остануваат уште четири мечеви, а потоа следува разигрувањето за титулата.
Фото-галерија:
Победа за совршен крај на 2017 година !
OhridNews