До пред неколку години традиција беше на Денот на рибарите капачите да запливаат по буре со вино. Неколку беа празни, а во едно имаше црвено вино. Го освојуваше тој што прв ќе доплива до него.

По извесна пауза, бурето со црвено вино повторно „заплива“ во студените езерски води „Најзеро“ кај Сараиште. Група млади од Варош ја вратија традицијата давајќи му шмек на зимското капење на денот на кој некогаш охридските рибари се капеле во езерото за здравје на православниот празник Свети Јован Крстител, за да го одбележат почетoкот на риболовната сезона.

По неколку годишна пауза охриѓани запливаа по бурето со вино

Празникот Богојавление – Водици кон кој постои голем култ во Охруд, има двојна димензија, духовна која е основа на празнувањето и социјална која, несомнено има голем потенцијал да придонесе во развој на туризмот. Од тие причини пред години се востанови скокање по бурето со вино на Денот на рибарите, како своевидна атракција која не самно што го привлекуваше вниманието на јавноста и гостите, туку ги предизвикуваше да бидат дел од настанот, како што беше тоа случај во минатото кога дел од оваа традиција беа познати јавни личности, политичари, па дури и претставници на дипломатскиот кор.

Исто така на овој ден се вареше рибна чорба во голем казан, а се организираа и изложби на риболовен алат и занаети од минатото.

Г.М.