И ова е Охрид. Онака неколку слики, спомени, мој впечатоци од 2011 година во Охрид. Далеку од летниот, бучен туристички живот.


Беа тоа времиња. Југобанка во Охрид. После 20 години само прашина, катинар и така – како што се тргнати службеничките во плави свилени кошули и темни сукни – така се остана. Југославија се растури, распадна. А во Охрид има уште ситни скриени останати екс-Ју траги.


 


 
Ко дете мало се сеќавам кога влегував во јули 1987 година низ овoј затворен влез. Паркетот светеше сјајно. Од лева страна имаше мало масиче со фотелји. Добивав сокче во стаклена чаша. Татко ми бркаше бизнис со “девизи“ на шалтерот со педантен персонал. Еден мал избришан отвор од три сантиметри ме врати ова лето 5 минути во осумдесетите. Чудно. Ко ништо да не е помрднато во последниве две децении.
 


 
Имав некоја работо во општина. И се товарив со еден куп документи, маркици, печати. Типично како оргинален охриѓанец. Made in Ohrid се чувствував. Изнервиран, залетан, разгаламен, цвикери, мобилен и клучевите од колата в раце. Опуштено (демек се е под контрола) пам пум, џглап, џглуп се маткам низ чаршија со пликовите в раце. Без торба или куферче. Парадирав горе долу до плоштад и пак долу горе покрај кафичите. За да се видит: види сум некој и зафатен сум со нешто. Не е битно со што. Важно е: мојте чекори покажуваат дека сум тргнат за да средам нешто. Се надевам.
 
Искрено: не беше баш така се ама мора и јас некогаш да се тестирам и да одам како класичен охриѓанец низ чаршија. Само што стигнав пред општина се изненадив. Познати се лепенките за забрана на мобилни, цигари, шорцој. Дали сум во Ирак, Египет, Тунис, Сирија, Либија? Не. Добродојде во 2011-година во Охрид. Хахаха. Некој ми рече дека специјално за изборите е ставена оваа лепенка. Па што не ја тргнат….
 
Позади хоризонот од езерото и во сенката од тврдинине има скриена дестинација во автентичната населба Воска. Фудбалскиот терен од ФК Воска е бисерна слика. Како Винсент Ван Гог, Рембрант и Јоханес Вермеер во вековите пред нас да го имаат измислено овој дел од градот вака да изгледа. И така е останато. Вечно избоено. Оох. ОоооХрииид. Вредно. Неверојатно убаво. Класично. Ретко. Ретро.
 

 
Каков контраст со Камп Ноу во Барселона, Стемфорд Бриџ од Челзи, Алијанс Арена на Баерн, Емирати на Арсенал и Ајакс Амстердам Арена. ФК Воска е уметност. Жива вистинска композиција. Каков стил. Какво доживување. Какво чувство е ова за фудбалер, за судија и за публика. За вистинските фудбалски романтичари. На теренот на ФК Воска не се доаѓа за победа, офсајд или за 4-4-3, 4-4-2, 5-3-2 систем на тактика. Овде се доаѓа за историја. За поглед, изглед на околина. За носталгична атмосфера.
 
  
 
Овде се игра фудбал како што е измислен спортов пред два века. Без вештачка трева, без црвени кожни авионски седишта за тренерот и резервните играчи, без реклами, без обезбедување на секој три метра, без 55.000 пластични столчиња, без петарди, без скапа влезница, без груби навивачи. На сликава од ФК Воска е се контра од денешните исфорсирани комерцијални фудбалски елементи. ФК Воска мирува во сегашнава турбулентна фудбалска милионска show-индустрија.
 
  
 
ФК Воска е спортски музеј во отворен простор. Ко да не е вистина. Аме е. Место за мирување, за инспиранција. Далеку од туристичките гужви. Чисто, слободно парче зеленило во градов. Ова треба вака да остане. Како галерија. Да се заштити законски засекогаш и да не се уништи со високи грди бетонски згради. Нова туристичка дестинација во Македонија. Tour de Voska!
 
Поздрав и среќна Нова година,
 
Влатко
Амстердам

* Ставовите изнесени во рубриката
Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси
одоговорност за содржината на истите.