Четириесет и пет олдтајмери спачек 2ЦВ денес се изложени на паркингот покрај кејот на Охридско Езеро, каде охриѓани, но и туристите имаа можност да ги погленат и да добијат одредени информации за истите.
Сопственици на олдтајмерите се лица како од Македонија, така и од сите поранешни Југословенски држави кои престојуваат во Охрид три дена во организација на Цитроен 2ЦВ Клуб Скопје.
Дојдовме вчеравечер во кампот Љубаништа каде и престојуваме. Ние сме кампери во суштина. Светските собири траат по шест дена, додека Балканските по три. Денес имаме возење од кампот Љубаништа до центарот на Охрид. Изложивме авотмобили за да можат луѓето да уживаат во истите. На сите изложби што досега сме ги правеле, претежно во Скопје, но сме биле и во Струмица, еве сега и во Охрид има голем интерес посебно кај младите. Децата се најзаинтересирани бидејќи им личат на пајче, така и се викаат спачек што на словенечки значи пајка, вели Љупчо Унковски, претседател на Цитроен 2ЦВ Клуб Скопје.
Возилата и покрај тоа што се стари по 50-тина година, се одржуваат добро и се во возна состојба, а делови за истите набавуваат на светските собири на кои и учествуваат.
И покрај староста на возилата се уште се произведуваат делови за нив, бидејќи бројноста на клубовите во светот расте. Ние кога одиме на светски собир во рамки на шест дена се продаваат можеби пет шлепери делови. Си набавуваме оттаму, а секој од нас има уште по две возила на делови растурени дома. Така да секогаш имаме делови и си помагаме еден со друг и никој не останал во дефект. Пред една година го земавме последниот спачек од Охрид кој стоеше кај црквата „Св. Софија“ и сега е во фаза на реставрација и ќе биде како нов, истакнува Унковски.
Открива и интересни податоци дека Цитроен серија А првпат е произведена во 1948/49 година и минатата година се одбележа 75 годишнишната од излегување на првиот автомобил од фабриката на Цитроен.
Нашиве возила се стари околу 50-тина години бидејќи се произведени во Југославија во периодот од 1973/74/75 година. Повеќето се тоа годиште, освен некои европски кои се понови модели. Во суштина возилото е исто без разлика каде е произведено.
Унковски посочува дека следната година планираат учество на 25 Меѓународен митинг во Словенија, каде се собираат учесници од цел свет. На едно место се очекува да бидат изложени 3500 олдтајмери.
Во рамки на трите дена престој во Охрид целта е меѓудругото присутните да се запознаат и со убавините на Охрид, па предвидена е и прошетка до Свети Наум. Унковски вели дел од нив биле во Охрид, но дел доаѓаат за првпат и оваа е одлична можност и за туристичка промоција на градот. По турата во Охрид дел од учесниците заминуваат дома, додека дел остануваат уште некој ден овде во Охрид.
Цитроен 2ЦВ Клуб Скопје досега има учествувано на осум светски собири за овој модел на автомобил спачек 2ЦВ.
Олдтајмери спачек 2ЦВ изложени на градскиот кеј
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски