НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на „Прличевите беседи“ со традиционалната „Прличева визита“ ја одбележа 132 годишнина од смртта на патронот. Оваа година минува во знакот на уште два други датуми 195 годишнината од раѓањето на Прличев и 160 годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина, посочија од Библиотеката.

„Прличева визита“ започна со изведбата на стихови од поемата „Сердарот“, по што следеше обраќање на директорката на Библиотеката Христина Трпеска. Присутните имаа можност да го проследат видео интервјуто со проф. д-р Георги Сталев – Поповски првиот препејувач на поемата „Сердарот“ во форма на стих на македонски чиј автор е м-р Милчо Јованоски.

Беседата „Ние и Прличев“ од проф. д-р Александра Ѓуркова ја прочита професор Марија Стрезовска. Александра е потомок на Прличев по ќерка му Деспина, исто како и нејзината мајка Лилјана Минова – Ѓуркова е македонист, лингвист и искрен продолжувач на делото на својот славен предок Прличев – Вториот Хомер.

Библиотеката на академик д-р Миле Д Миќуновиќ и проф. д-р Зоран Тунтев им додели признанија за континуирана соработка и поддршка на установата.

Настанот беше заокружен со доделувањето на наградата од третиот по ред Конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на тема: „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, дело на младата Ева Ивановска од Делчево.

Претходно, пред спомен – биста на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше положен лаворов венец и свежо цвеќе, а обраќање имаше претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Живко Грозданоски.

Можеме да биде уште попроникливи и поангажирани во истражувањето на делото на Прличев. Да, тој нема оставено многу но и она малку е ризница што го оплеменува духот на оној што се занимава со приказната на Прличев, со неговите вредности, неговите идеали. Важно е постојано да се навраќаме на приказната на Прличев за да ја менуваме перцепцијата за него: тој не е само „трагичар“, туку пред се ерудит космополит. Тој бил „нервчик“, но тоа „нервчик“ зад себе остава трајна инспирација што оддава ехо до ден денес. Важно е да се поттикнуваат и новите изучувачи н македонската книжевност да навлегуваат подлабоко во наследството на Прличев, рече Грозданоски.

Годинешните свечености во чест на Прличев завршуваат вечерва со свечената приредба по повод Патрониот празник на ООУ Григор Прличев што ќе се одржи во Центарот за култура. Почетокот на приредбата е закажан за 19:00 часот.

Охридската библиотека ја одбележа 132 годишнина од смртта на патронот

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска