Центарот на Охрид вечерва е во мрак. Затворени се сите угостителски објекти, како дел од мерките за превенција од корона вирусот.

Единствено светло е големиот рекламен билборд на централниот плошттад.

Во насока на спречување на ширење на заразата од вирусот Ковид 19, националната комисија денеска објави нов сет заштитни мерки, кои беа прифатени од Владата. Покрај забраната за сите јавни и приватни собири, кино проекции, театри, спортски натпревари, се редуцира и работата на кафетериите, рестораните и останатите угостителски објекти. Истите ќе работат само денски до 18 часот, со редуциран број на маси во внатрешноста. Мерката важи и за обложувалниците и казината.

Од Еснафот на угостители на Охрид, во изјава за OhridNews, информираа дека ги прифаќа и во целост ќе ги почитува препораките на Владата за заштита од корона вирусот.

Охридските угостители се надеваат дека ваквата состојба ќе се надмине, посочувајќи дека неминовно ќе претрпат штети од новонастанатата ситуација.

Г. М.