Ракометарите на Охрид, со минимален триумф 21-20 (14-10) над Струга ги заокружија мечевите на домашен терен во македонската Супер лигата сезонава.

„Езерското“ дерби кое се одигра во Спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти помина во знакот на Никола Даниловски-„Џамбо“, кој во саботата почина на 24-годишна возраст.

„Гладијаторите“ доминираа од почетокот до крајот на натпреварот, но во финишот стружани имаа напад за реми. Охридските ракометари квалитативната разлика во првиот дел ја валоризираа со четири голови предност (14-10). Во вториот дел, Охрид, обезбеди и плус седум 20-13, но Струга со супер финиш успеа намали на 21-20 и да обезбеди напад за реми, кој не го релизираше.

Во составот на Охрид брилираше Јагош Брауновиќ кој имаше 14 успешни одбрани. Во листата на стрелци се истакнаа Филип Николов со пет и Борче Соколов со четири голови. Кај стружани голманот Владо Затарковски имаше 11 одбрани, а по четири голови постигнаа Тодор Јанкулоски и Никола Цветаноски.

„Гладијаторите“ во последната рунда од плејофот во Супер лигата гостуваат во Битола кај составот на Еурофарм Пелистер.

Мх.П.