Во ист момент во повеќе од 140 градови од Европа, повеќе од еден милион луѓе ја започнаа прошетката во розово за поддршка на оние кои се борат со рак. Кон 13-та по ред трка „Напред розово- Race for the cure” се приклучи и Општина Охрид. Прошетката беше во организација на здружението „Борка – за секој нов ден”.
Кампањата ја поддржа и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески кој ја поздрави акцијата и изрази задоволство што и Охрид е дел од една ваква глобална акција против ракот на дојка.
Тука сме сите заедно да ја кренеме свеста, пред се кај младите затоа што оваа болест не бира возраст, може да се јави и кај најмладите. Да апелираме и да ја зголемиме свесноста кај женската популација за навремени скрининзи, навремени мамографии и ехо прегледи со цел да се спречи оваа болест. Ваквите активности се од големо значење за зголемување на свеста и за зголемување на односот на женската популација кон ракот на дојката и сите овие напори кои заедно ги вложуваме од година во година вродуваат со плод, затоа што скринингот е се позастапен затоа што мамографиите се подостапни во секое населено место во нашата држава, порача градоначалникот Константин Георгиески.
Од здружението „Борка“ како организатори на настанот истакнаа дека оваа кампања се организира за поддршка на сите кои се борат со ракот на дојка во овој момент и за да им се укаже на пациентите дека се со нив во секое време.
Со овој настан оддаваме поддршка на оние кои во овој момент се борат со ракот на дојка да им дадеме поддршка на нивните семејства, нивните пријатели. Нашата мисија како здружение има една основна цел, едукација и информирање на граѓаните за сериозен пристап кон болеста, непречено давање на психо-социјална помош на пациентите и главна цел помагање со донации за лекови и сите потреби кои ги имаат пациентите кои се борат со болеста “, истакна Костадинка Трајаноска во името на здружението „Борка“
Покрај градоначалникот Георгиески и претставници од Општина Охрид на денешната прошетка од каналот „Студенчишта“ до градскиот плоштад во Охрид се приклучија и дел од директорите на јавните претпријатија, претставници од здруженија и граѓански активисти.
Ракот на дојката го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на болеста, сочинувајќи скоро 12% од новите случаи секоја година ширум светот, велат податоците од СЗО од февруари годинава. За прв пат, ракот на дојка претставува најчесто појавуван карцином на глобално ниво. Ракот на белите дробови е најчестиот вид во последните две децении, но сега е на второ место, пред карциномот на дебелото црево, кој е трет најраспространет вид на канцер.
К.А.
Фото: А. Момироска