Денеска се одбележуваат 126-години од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев, еден од најпознатите македонски писатели од 19 век. Роден е во Охрид во 1830, според едни, односно во 1831 година според други податоци, каде и починал на 6-ти февруари 1893 година.

На 25 март 1860 година, Григор С. Прличев со поемата „Сердарот“, ја однесе првата награда на традиционалниот книжевен конкурс во Атина и бил наречен „Втор Хомер“. Во поемата се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитува селаните од бандите на Гегите. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк.

Освен Сердарот, Прличев ја има напишано и „Автобиографијата“ која претставува битен историски документ за состојбата во Македонија за време на Отоманската империја во 19 век.

По повод 126 годишнината од смртта на Прличев, денеска се одржа панихида на неговиот гроб, како и бројни пригодни манифестации во културните и образовни институции кои го носат името на големиот македонски преродбеник.

Во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ свеченост денеска се одржа и во куќата на Прличев на која со поетски рецитали настапија победниците на литературниот конкурс по повод патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“ Софија Гавреска и Даријан Ангелоски, и ѓлади талентирани уметници од градот. Силни емоции предизвика наградениот рецитал на ученикот Даријан Ангелоски, кој тој го посвети на покојниот градоначалник Јован Стојаноски.

На свеченоста присуствуваа в.д. градоначалникот Константин Георгиески, претсетелката на советот Живка Ангелоска и други званици и гости.

Прифаќајќи го сето она што Прличев ни го оставил како свет завет денес ја продолжуваме неговата мисија докажувајќи дека со знаење невозможното станува возможно, а недостапното достапно. Секое време носи нов Прличев и нова поема со суштински пораки за современиот Свет. На овој ден секоја година децении после него сме гости токму тука во неговиот дом. На одбележување на годишнината од неговата смрт се радуваме на напишаниот збор на неговите следбеници, млади таленти кои веќе направиле храбри обиди да пишуваат поезија и проза. На таков начин сите ние докажуваме дека чекориме по Прличевите стапки градејќи го она што тој го посакувал, посреќна сегашност и иднина за Охрид и Македонија кои се негови „….и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб…..“ „ ….И како што нашите претци го препознаа регионот и Светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите…“, така и ние денес гордо потврдуваме дека опстојуваме како земја во таа идеја, но уште повеќе во нејзината реализација, поттикнувајќи ги позитивните културни карактеристики како пример за останатите.- подвлече Георгиевски кој им врачи и пригодни награди на двајцата ученици Даријан Ангелоски и Софија Гавреска чии трудови беа првонаградени по распишаниот литературен конкурс на ОУ „Григор Пеличев“.

Во градската библиотека „Григор Прличев“, попладнево се одржа Портрет посветен на роднокрајниот поетот и писател Видое Видически, по што беше прикажан филмот „Од животот на Прличев“ чиј автор е м-р Милчо Јованоски, вработен во установата.

Со низа свечености патрониот празник денеска го одбележа и ОУ „Григор Прличев“.

OhridNews