Охрид како никогаш до сега е сплотен во хуманата мисија за помош на 15 годишната Сара Настеска, на која и е неопходна трансплантација на коскена срж, која треба да се изврши во Германија, а која чини 200.000 евра.

Кон бројните хуманитарни акции викендов се придружија ФА „Бисери“ и новинарите и медиумите oд Охрид. Во нивна организација, синоќа во спортската сала „Билјанини Извори“, се одржа хуманитарен хепенинг на кој настапија: Камелеон“, ФА „Бисери“, Петар Нечоски, Жармена и Китроз, Петар Маркоски, Горан Папаз, Каролина и Оли, Јован Чифлигароски, Дуо “Black moon“, Дамјан Пејчиноски, Ивана Коскоска, ученици од Средното државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец од Струга и други.

Настанот го помогнаа Лабино саунд, спортската сала Билјанини извори, Принт студио, Мега продукција, како и женскиот центар „Бисера“ чии активистки организираа хуманитарна продажба на прехрамбени производи. Собраните средства ќе бидат предадени на семејството Настески.

Покрај охриѓани кои несебично собираат средства за помош на малата Сара, настанот со индивидуални донации го поддржаа и дел од учесниците на Европскиот куп за мажуретки, што изминатиот викенд се одржа во Охрид.

Претходно, исто така во организација на  ФА „Бисери“ и новинарите и медиумите oд Охрид, во центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа детски хуманитарен хепенингна кој настапија „Весели бисерчиња“, изведувачи од „Распеано рибарче“, музичките таленти на ОМУ „Методи Патче“, а куклениот театар при образовниот центар „Atlas World“ ја изведе претставата „Си беше еднаш“.

OhridNews
фото: Анамарија Момироска