Фудбалерите на Охрид, во вториот контролен натпревар од подготвителниот период ја забележаа првата победа, откако во Струга со 3-1 (1-1) го совладаа составот на Караорман. Охридските сино бели во првиот меч изгубија од српска Мачва Шабац 0-1.

Струшките „црвено бели“ на стартот од натпреварот поведоа со 1-0. Стрелец на погодокот беше Ивица Ќелешоски. Охридските фудбалери од многуте шанси за изедначување во првиот дел искористија само една. Во 45-минута Бурхан Алији биеше силно и прецизно од голема далечина и со помош од одбранбениот блок го матираше голманот на Караорман.

Во вториот дел, избраниците на Драган Бочески уфрлија брзина погоре и ги донесоа работите под контрола. Во 60-та минута Игор Клечкароски се најде на вистинско место и ја спроведе топката во празната мрежа после ударот на Дарко Симјаноски, кој заврши во дирекот. Клечкароски во продолжението од натпреварот не реализираше од белата точка, откако сојузник на домаќините беше стативата.

Конечните 3-1 ги постави Ален Максути. Фудбалерот од младинскиот погон на Охрид во манир на врвен стрелец ја затресе мрежата на Караорман. Максути имаше уште една прилика за погодок, но неговиот удар го скроти домашниот голман.

Охрид во следниот период ќе одигра нови контролни натпревари низ кои ќе треба да го крене нивото пред почетокот на Втората лига.

Мх.П.