Охрид за новогодишните празници преполн со туристи. Зголемена раздвиженост се забележува низ чаршијата, кејот, како и во угостителските објекти.
Не помалку гужва има и во сообраќајот, каде евидентно е дека и дел од туристите сеуште пристигнуваат. Според најавите од ХОТАМ најбројни ќе бидат гостите од соседните земји, Бугарија, Србија, како и од подалечните пред се Турција. Традиционално Охрид за новогодишните празници го посетуваат и домашни гости.
Туристичкиот бисер годинава со богата програма за дочек на градскиот плоштад, каде пред охриѓани и гостите ќе настапат поп дивата Каролина Гочева, македонската фолк ѕвезда Наум Петрески, миленикот на младата публика Пајак, охридската група Take 5, DJ Gec и DJ Face. Програмата на градскиот плоштад почнува утре во 19 часот.
Претходно, најмладите ќе можат да уживаат во Новогодишниот концерт на хорот „ Ѓердан од бисери“ со почеток во 12:00 часот, концерт „Охрид знае љубов што е“ во 12:30 часот и Новогодишно шоу со Дј АЦЕ од 14:00 часот.
Забавата продолжува и на 1-ви јануари на градскиот плоштад каде од 13 часот ќе настапат уникатната Сара Мејс и групата „Балканикос Бенд“.
И временските услови одат во прилог на добрата забава и дочекот на Новата година на отворено. Според најавите од УХМР до петок ќе се задржи стабилно, суво и претежно тивко време со ниски утрински температури.
Охрид преполн со турсти
Н.С.Ј.
фото. Б.Стојаноски