Во пресрет на 14 Ноември, Меѓународниот ден на борбата против дијабетесот, членовите на Лајанс клубот „Лихнидос“, вечерва го осветлија центарот на Охрид и зградата на Гимназијата во сина боја.

На овој начин Охрид се придружува кон меѓународната кампања посветена на оваа хронична болест. И во вакви вонредни околности, кога цел свет бие битка со Ковид 19, сакаме да изразиме симболична поддршка во борбата против дијабетесот. – изјави Д-р Диел Аголи, член на клубот.

Акцијата е изведена во согласност со целите на Здружението на дијабетичари од Охрид и по воспоставениот контакт со нивниот претседател, Гордана Волкан.

Со посебна резолуција на Обединетите нации, од 2006 година наваму овој датум се одбележува низ цел свет како Меѓународен ден на борба против дијабетесот. Инаку, 14 Ноември е избран во чест на роденденот на Д-р Фредерик Бантинг, научник од Канада, кој бил најзаслужен за откривањето на инсулинот во 1921 година.

OhridNews