Градот Охрид и терените на СРЦ „Билјани Извори“ ќе бидат база за подготовки на А селекцијата во женска конкуренција. Избраничките на селекторот Кирил Изов со попладневниот тренинг означија почеток на еднонеделниот собир.
- Во Охрид подготовките ќе ги искористиме за работа на технички план и некои финеси кои ни недостасуваат во текот на натпреварите. Со оглед дека клупската сезона заврши и фудбалерките се исцрпени нема да форсираме и работиме со полно темпо. – изјави селекторот.
Во текот на собирот во Охрид, најдобрата женска репрезентација ќе одигра и два контролни натпревари со селекцијата на Албанија. Првиот ќе се одигра в четврток на гостински терен, а вториот во Охрид в недела во 17 часот.
Селекторот најави дека ростерот на репрезентацијата ќе се комплетира во текот на утрешниот ден и максимално мотивирани ќе тренираат и ќе играат во тест средбите со Албанија.
OhridNews