Со свеченост на која присуствуваа голем број граѓани, претставници на локалната самоуправа, советници и пратеници, вечерва беше отворен новиот плоштад кај некогашниот Мини маркет.

Новиот плоштад се протега на површина од 1000 метри квадратни, партерно и хортикултурно уреден простор, оплеменет со две фонтани и целосно осветлен. 

Обраќајќи се пред присутните градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека плоштадот кој се отвора спроти денот на независноста на Република Македонија, ќе биде катче за релаксација и собиралиште на охриѓани.

-За повозрасните охриѓани овој простор беше познат како Дуборезачка, за помладите генерации да го препознаваат како Мини маркет, а останува на граѓаните да го именуваат според свое видување.-рече градоначалникот Бакрачески.

Изградбата на плоштадот чинеше 8,6 милиони денари. Градежните работи ги изведуваа општинските јавни претпријатија, додека фонтаните охридската фирма „Еуро Стил“. Централната фонтана е украсена со мозаик изработен од локалниот уметник Никола Упевче. 

-Мозаикот претставува реконструкција на антропоморфните претстави за четирите рајски реки претставени во ранохристијанската базилика на Плаошник, која датира од 5-6 век. Мозаикот е работен според оригиналните зачувани портрети, а четвртиот кој недостасува, реката Тигар, е вметнат исто така, така што тоа ја надополни сликата, бидејќи ова е единствен ваков портрет во државата.-изјави Упевче. 

Еден дел од плоштадот е уреден во вид на амфитеатар, кој ќе се користи како место за културно-забавни манифестации.

Г.М.