Изминатиот викенд на СРЦ „Билјанини Извори“ се одржа првиот Меѓународен меморијален митинг во атлетика „Влатко Димитров“, во чест на атлетскиот тренер и професор Влатко Димитров, кој ненадејно почина во 2016 година. Учество зедоа околу 140 атлетичари, a манифестацијата ја отвори градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

-Основна цел на овој меморијален турнир е да започнеме една традиција, со која барем малку ќе му се оддолжиме на покојниот Влатко Димитров за неговите дела и неговата посветеност на атлетиката. Нашата иницијатива наиде на поддршка од Атлетската федерација на Македонија и со нивна помош решивме да ја започнеме оваа традиција. – истакнаа од АК Охрид, организатор на меморијалниот митинг.

На меморијалниот митинг во Охрид, настапија атлетичари од Македонија, Србија, Косово, Бугарија и Црна Гора, кои се натпреваруваа во дисциплините: 100 метри, 200м., 400м., 1 500м., 3000м. стиплчес. Во машка конкуренција се одржаа натпревари во фрлање копје, диск и скок во височина, додека во женска во фрлање ѓуле, диск и скок во височина. Меморијална дисциплина беше скок во далечина. 

-Благодарам што е покрената ваква иницијатива, што ќе го зачува споменот на Влатко и ќе ги продолжи неговите дела. – рече сопругата на професорот Влатко Димитров, Надица Димитров, која додели дел од признанијата и медалите на моморијалниот атлетски митинг.

Од Атлетската федерација на Македонија, најавија дека и во иднина ќе ја поддржуваат оваа спортска манифестација.

фото: Анамарија Момироска