Под наслов „Носталгија во црно-бели рамки“, синоќа, во просториите на фестивалот „Охридско лето“ беше отворена изложба на фотографии од Зоран Вељаноски – Летра. Во адаптираниот изложбен салон на фестивалот, бројните гости, низ звуците на класичната музика, имаа можност да ја видат фотографската приказна на Зоран Летра.
„Црно белиот свет кој ни го претставува е токму она што ја развива мислата и идејата за свет без граници кој што се раѓа во него а луѓето треба да го видат. Токму неговиот меѓупат не донесе до идејата за крштевање на просторот наш во галерија на Охридско лето“-беше истакнато на изложбата.
Според градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески фотографот Зоран Летра, со години пријатно не изненадува сите нас со неговите фотографии на кои го овековечи пред се нашиот Охрид и годините кои сите ние ги поминуваме во него но и надвор од него.
-Доколку се осврнеме конкретно на оваа изложба , а имајќи го во предвид фактот дека се работи за фотографии кои се настанати директно од негативи, можеме да заклучиме дека и тој факт не враќа носталгично кон времињата кога фотографиите не беа дигитални, не ги гледавме само на електронски уреди туку и во рамки поставени на ѕидовите во домовите , албумите, каталозите и списанијата.-рече Бакрачески.
-Во фотографиите на Зоран Велјаноски Летра се чуствува одлика на голем истражувач. Но нема истражување без замисла. Живееме во време на интернет каде каде проблемите се решаваат со притискање на копче. Но нема нови откритија на археолозите без ископувања, не знам како уметниците би твореле ако немаат идеи или фотографите би работеле само со притискање на копчето на фотоапаратите. Мора да се истражува, а Зоран ја има таа прекрасна особина, рече академскиот сликар Славко Упевче.
Зоран Вељаноски – Летра е роден на 31 јули 1965 година во Охрид, Македонија. Со фотографија се занимава од најрана возраст. Високо образование завршил на Филмската Академија ЕСРА – Париз – Скопје – Њујорк, на Факултетот за сценски дизајн, катедра Фотографија. Магистерските студии ги продолжува на Институтот за Фотографија во Њујорк. Досега има 16 самостојни изложби во земјава и светот а учествувал и на повеќе групни изложби. Член е на претседателството на Фото сојуз на Македонија.
OhridNews