Во рамки на спортската програма на второто издание на Ohrid Water Festival викендов кај градското пристаниште се одржа ревијален ватерполо натпревар во организација на Клубот за спортови на вода Охридски Бранови 2008, со поддршка на Општина Охрид, на кој учествуваа ватерполо ветерани од Македонија и соседните држави.
Исто така викендов, пред Старото пристаниште во Охрид се одржа забавен натпревар на вода „Ред бул-Педалинка“. На трката учествуваа 16 екипи, а настанот беше надополнет со музичка програма наменета за публиката.
Викендов во водите на Охридското Езеро се одржа и 23-та ICF-Меѓународна Илинденска регата во кајак-кану на мирни води „Охрид 2024“, која ја организира охридскиот клуб „Стрмец“. На регатата учествуваат и екипи од Полска, Грција и Србија.
Во рамки на фестивалот, а во организација на веслачкиот клуб „Горица Ремо“, на Охридското Езеро се одржа Меѓународната веслачка регата на која учество зедоа 48 натпреварувачи од веслачки клубови од Србија, Бугарија, Хрватска и Македонија.
Фестивалот на водени спортови завршува на 31 август со Охридскиот пливачки маратон
Г.М.