Ракометарките на Лихнид направија чекор назад во борбата за четирите места на табелата во Младинската лига, откако претрпеа минимален пораз 19-18 од Стружанка во „Езерското“ дерби во рамките од осмата рунда.

„Китовите“ одиграа две различни полувремиња, а гостите од Струга вешто ја искористија променливата игра и дојдоа до бодовите во Охрид.

Во првиот дел резултатот често се менуваше, а ракометарките на Лихнид со подобар финиш обезбедија гол предност после триесет минути. На стартот од второто полувреме стружанки со 4-0 серија го презедоа водството и дојдоа до предност од 15-12. Охриѓанки и покрај лошиот почеток смогнаа сили и го изедначија резултат (15-15). Гостите во завршните минути со 3-1 серија заводеа со 18-16, а „китовите“ успеаја да го намалат резултатот, но не и да избегнат пораз.

  • Многу не погоди денешниот пораз. Ја играме можеби најслабата сезона од основањето на клубот. И честитам на противничката екипа за денешната победа. Можеби имаа малку повеќе среќа од нас, но очигледно беше дека денес ние ја немавме онаа мотивација особено кога играме против Стружанка. А да не зборувам за техничките грешки. Во мое лично име и во име на сите кои се дел од РК Лихнид, сакам да им се извинам на луѓето кои вложија во клубот, без чија помош можеби денес немаше да функционираме. Во наредниот период се надевам дека ќе ги надминеме недостатоците и повторно ќе бидеме препознатливи по она што сме. – изјави тренерот на Лихнид, Филип Јованоски.

Во последната деветта рунда Лихнид ќе се сретне со екипата на Шампион од Скопје.

OhridNews