Со векови манастирот Св. Наум Охридски им одолевал на искушенијата и разните  премрежја кои биле многубројни низ историјата. Но, сите тие минале, доаѓале нови и повторно минувале, а над карпите покрај изворите на Охридското Езеро и натаму се издигаат препознатливците контури на најголемото духовно светилиште на овие простори.

Како и во многу наврати низ историјата Манастирот оваа година го слави денот на Свети Наум Охридски Чудотворец во бурно време, време на глобална пандемија која целосно го промени животот кој го знаеме. Поради тоа чествувањето на празникот на големиот светител кон кој постои голем култ на овие простори, се одвиваше согласно мерките за заштита од коронавирусот Ковид 19.

Во манастирскиот комплекс денеска можеше да се забележи значително помалку народ од вообичаено. Низ комплексот немаше тезги и панаѓур, а посетителите со маски на лицата внимателно одржуваа дистанца.

Пред влезот во црквата во која почива телото на Чудотворецот редот го одржуваше ангажирао обезбедување. Внатрешноста, пак, беше соодветно организирана и обележана. А верниците смирено чекаа на безбедно растојание едни од други да запалат свеќа и да влезат во црквата за да се помолат.

Над манастирот, пак, времето си поигруваше со облаците. Час сонце, час тмурно и по некоја капка дожд и колорит од бои какви што има само во Св. Наум.

А граѓаните кои денеска и покрај се дојдоа во Св. Наум изразија желба што побрзо да мине и оваа неволја, упатувајќи молитва до светителот кој, според преданијата, повеќе од 1000 години ги штити од големите искушенија.

Манастирот Св. Наум Охридски величествен за празникот и во време и невреме

Г.М.
Фото. А. Момироска