Првооделенците од сите основни училшта во Охрид денес беа дел од Охрид трчаТ детската трка. Мали, а сепак со голем спортски дух уживаа во дружењето, во загревањето и секако најмногу во главиот дел самата трка. А медали имаше за секој еден учесник, бидејќи победници немаше, победници беа сите.

Бистра од прво одделение  во ОУ „Григор Прличев“ која беше и самата дел од детската трка рече дека денес нејзината генерација тука е обединета како никогаш досега, за да го слават спортот, европските вредности и заштитата на животната средина.

Ако сме многу мали сепак знаеме каква иднина сакаме и заслужуваме. Вие, Градоначалник, мајки и татковци, добро знаете што треба да направите за да ние малите постанеме големи не само во висина, туку големи во свеста за здравите навики, европските перспективи и почитта на природата, рече Бистра.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во своето обраќање пред присутните дечиња, родители, наставници и организатори на настанот истакна дека ова е еден од ретките настани кои имаат за цел да го промовираат спортот и здравите навики кај децата уште од најрана возраст.

Спортот дава мотивација и храброст и не збогатува со доблести кои се важни за развојот на една личност. Преку слоганот на овој настан испраќаме и важна порака за зачувување на животната средина, што е од особено значење за нашиот регион кој изобилува со уникатна природа која сите заедно мораме да ја заштитиме. Но, денеска тука најважни сте вие драги дечиња! Денеска сите вие сте наши победници! Вашиот весел џагор е нашата сила! Ви посакувам секогаш да бидете вака радосни и насмеани! Трчајте, спортувајте, дружете се! Детството нека ви биде исполнето со среќни и незаборавни мигови, кои ќе бидат ваш мотив за многу успеси и ќе ве водат кон нови животни предизвици. Секогаш ќе ја имате мојата добра мисла и поддршка. Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да ги поддржува сите вакви проекти кои го јакнат спортскиот дух кај најмладите, рече Пецаков.

Инаку, 504 дечиња беа дел од годинешната трка, а оваа традиција за учество на сите првачиња од основните училишта на територијата на Општина Охрид која започна од годинава според организаторите ќе прерасне во традиција.

Фото галерија:

Мали, а сепак со голем спортски дух, првооделенците уживаа во Охрид трчаТ детската трка

 

Н.С.Ј.

фото. А Момироска