Првата група oд 180 туристи од земјите на Бенелукс пристигна денеска на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид со чартер лет на туроператорот „Корендон“.

Туристите беа пречекани со традиционални обичаи со леб и сол. Некои од нив во Охрид доаѓаат по втор, а некои по 15-ти пат. Дел пак специјално допатувале за свадба.

– Во Охрид доаѓам по 15-ти пат. Прв пат кога дојдов во 1971 година си купив речник и почнав да учам македонски. Сакам да се разбирам полесно со луѓето од мојата втора татковина – Македонија. – изјави турист од Холандија.

-Годинава доаѓаме на свадба тука, ќе го жениме мојот другар за Македонка. Нашата невеста е многу убава стружанка која го освои срцето на еден Холанѓанец.-истакна друг турист. 
 

На 10-ти мај на аеродромот во Охрид ќе слета и првата организирана група туристи на туроператорот „Туи Аркетравел“, а туристичките работници очекуваат оваа сезона на охридско-струшкото крајбрежје да одмараат повеќе гости од Холандија и Белгија.Проценките на „Корендон“ и на „ТУИ Аркефлај“ се дека во текот на летната сезона 2015 на Охридската ривиера и во Македонија ќе летуваат околу 25 илјади туристи од Холандија, Белгија и Луксембург. 

Позитивни најави има и од концесионерот на аеродромот „ТАВ“, кој очекува оваа туристичка сезона на воздушното пристаниште во Охрид да слетаат околу 30.000 патници од земјите на Бенелукс и други дестинации. Дополнително ова лето ќе стартуваат и авиолиниите Охрид – Базел и Охрид – Лондон, што исто така ќе придонесе за зголемување на бројот на патници на охридскиот аеродром. Се очекува „Корендон“ и „Аркефлај“, од мај до октомври заедно да реализираат околу 130 чартер лета од Амстердам до Охрид со холандски туристи.

Првично е предвидено двата туроператори да реализираат по три чартер лета неделно на охридскиот аеродром, со можност за воведување на дополнителен лет во шпицот на сезоната. Чартер летови до Охрид со туристи од Бенелукс ќе има до октомври.

OhridNews