Охридските кошаркари им се вратија на победите во Првата лига, откако на домашен терен со 113-58 (30-16, 26-18, 27-7, 30-17) го совладаа тимот на Карпош Соколи во рамките од 11-та рунда во националниот шампионат.
Избраниците на Петар Чочороски со триумфот над „соколите“ ја забележаа петтата победа сезонава и ставија точка на трите порази во серија.
Охриѓани натпреварот го започнаа со 16-2 и го решија прашањето околу победникот. Првата четвртина ја добија со 30-16, а предноста после дваесет минути ја зголеми за дополнителни осум поени за водство (56-34).
Ротацијата во составот на АВ Охрид во третиот период донесе нова свежина. „Галебите“ од минута во минута ја зголемуваа предноста и после три четвртини стигнаа до највисоки (83-41). Во последните десет минути домашните кошаркари не застанаа и со нова поентерска серија дојдоа до конечен триумф (113-58).
Во екипата на АВ Охрид се истакна Стеван Глигоријевиќ (20 поени), Антонио Донески (17п.), Петар Бојоски (17п.), Емир Зимиќ (14п.), Рос Кенет (12п) и Филип Бакоч (12п). Кај гостите најпрецизен беше Атанасов со 23 кошеви. Во понеделник на 25 декември со почеток во 18 часот охриѓани гостуваат кај МЗТ Скопје во последниот меч за 2017 година во Првата лига.
Фото-галерија:
Лесен и убедлив триумф на „галебите“.
OhridNews