Италијанецот Алесио Очипинти во машка конкуренција и французинката Каролин Жуис стигнаа први во својата конкуренција постигнувајќи рекорди на Охридскиот пливачки маратон. Очипинти патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за рекордно време од 4 часа, 53 минути, 14 секунди, додека Жуис за рекордно време од 5 часа, 5 минути и 59 секунди

Водството Очипинти го држеше и на првиот летечки спринт во Пештани, како и на вториот во Свети Стефан. Очипинти беше трет на Светското првенство во маратонско пливање во Анжу и победник на Капри Наполи маратонот минатата година.

Европската шампионка французинката Жуис беше прва и на двата летечки спринта, а на Охридскиот пливачки маратон во 2021 година беше втора со време од 5 часа 45 минути 42 секунди.

Во првата тројка која ја предводеше Очипинти беа и аргентинецот Матијас Дијаз кој финишираше втор во машка конкуренција со време од  4  часа, 59 минути, 2 секунди, додека трет е италијанецот Марко Инглима, 5 часа, 2 минути, 19 секунди. Аргентинецот Дијаз минатата година беше победник на Охридскиот пливачки маратон постигнувајќи време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки.

Нашиот претставник Евгениј Поп Ацев пристигна четврт на целта со време од 5 часа, 8 минути и 32 секунди.

Втора во женска конкуренција пристигна на целта Туна Ердоган од Турција со време од 5 часа 15 минути и 26 секунди. Со време од 5 часа, 29 минути, 49 секунди трета на финишот пристигна аргентиката Ерика Јенсен.

Од петнаесетте напреварувачи кај хотел Парк трката ја прекина еден од нашите претставници, Кристијан Стојановски.

Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде вечерва во дворот на хотелот „Палас“ со почеток во 20 часот. По доделувањето на наградите ќе настапат КУД „Отекс“ кои годинава бележат јубилејни 40 години од своето постоење, по што следи настап на Ансамбл „Билјана“. Публиката ќе може да ужива и во вкусот на македонската традиционална храна на Слоу Фуд.

Охридскиот пливачки маратон оваа година е дел од Фестивалот на вода, а се одржува во организација на Општина Охрид со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор е ПК Охридски бранови – Охрид.

Фото галерија:

Италијанецот Очипинти и французинката Жиус со рекорди на Охридскиот пливачки маратон

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска