По десетти пат, вчера попладне, во Струга се одржа Ѓурѓовденската литија на која годинава присуствуваа илјадници верници од земјава, но и од странство. Светите мошти на Св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона, како и чудотворната икона на Мајката Божја „Богородица Крнинска“ ги носеа двајца граѓани на Струга, еден од Скопје и еден охриѓнец.

На Литијата и претходеше церемонијално полициско возило, кое на својствен начин го одбележа чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили. Помеѓу возилото и Литијата дефилираше коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја.

Дел од литијата со многубројниот народ беа членови на братството на Бигорскиот манастир и сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, јавни личности, политичари, меѓу кои и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма настапи Ансамблот „Македонија“, чии членови за прв пат ги промовираа старите струшки градски носии.

Фото: Томе Љушев – Шпанец