Плоштадот „Крушевска Република” денес зрачеше со позитивна енергија и празнична магија за хуманитарна цел.
Бројни разиграни дечиња од основните училишта во Охрид, поставени тезги со новогодишни украси изработени од вредните раце на дечињата, но и од волонтерите на Клубот на млади и Клубот на пензионери при Црвен крст Охрид, родители, наставници, поддржувачи на хуманитарните настани беа дел од предновогодишниот хуманитарен базар „Новогодишен сон”.
Последниот месец од оваа година, месец декември, кој ние го нарекуваме месец на дарување „радосен декември“, Црвен крст Охрид секоја година организира Новогодишен базар. Оваа година го организираме со Општина Охрид се со цел да ја поттикнеме солидарноста и хуманоста кај најмладите. Затоа се сите основни училишта вклучени со нивни изработки и новогодишни украси коишто ќе бидат овде продавани хуманитарно, а средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат дадени на семејствата од социјален ризик. Вклучени се и голем број волонтери од Црвен крст Охрид со изработка на предмети, но и возрасните од програмата „Грижа за стари лица“ кои што исто така изработија голем број подароци, истакна претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Лина Јоноска, волонтер од Клубот на млади при Црвен крст Охрид посочи дека членовите од Клубот биле вклучени во организирање на настанот како и изработка на производи.
Се собравме со цел да направиме Хуманитарен базар за да собереме средства за семејства од социјален ризик. Со особраните финансисики средства ќе пробаме да придонесеме за овие семејства согласно нивните потреби, вели Јоноска.
На штандовите со производи изработени од учениците можеа да се купат најразлични новогодишни украси, но и храна и пијалоци.
- Во нашето училиште ги изработивме коктелите кои се безалкохолни, чаевите и храната. Средствата од продажбата ќе бидат за хуманитарни цели, вели Христијан Нестороски од РЦСОО „Вачно Питошески“.
- Изработките се дело на нашата креативност. Новогодишните елки, лампиони, куќарки…кои ги изработивме на часовите во училиште изминатата недела, вели Мартина Неданоска од ОУ „Братство Единство“.
Одличен Предновогодишен базар на учениците од основните училишта во Охрид, креативни, вредни, инспиративни и одлична поддршка и од локалната самоуправа, вели директорката на ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани, Валентина Рубаноска.
Преку овој хуманитарен хепенинг сакаме да испратиме новогодишни пораки до сите дечиња од целиот свет и да помогнеме на деца со социјален ризик. Сите други дечиња и колеги ги поддржувам во оваа иницијатива и нека бидат многу успешни во понатамошни други акции и иницијативи и идеи. Ние сме тука и како раководство на училиште и наставен кадар да ги поддржиме и ги охрабрувам за сите нивни идни понатамошни активости, додаде Рубаноска.
Валентина Кузманоска, наставник во одделенска настава при ОУ „Св. Климент Охридски“ изрази благодарност до Општината и иницијаторот Црвен крст Охрид за организирање на еден ваков хепенинг во кој учество земаа сите основни училишта.
Посебно е задоволството што тука на едно место сме собрани ученици, наставници, родители и сите поддржувачи на овој настан од хуманитарен карактер. Треба да се практикуваат вакви настани и понатаму, не само во чест на Нова година. Прекрасна глетка, весело расположение, вели Кузманоска.
На плоштадот имаше многу забава, многу нагарди, настапи со музички точки од училишата, а неизбежен беше и Дедо Мраз кој подели подароци за најмладите.
Фото галерија:
Хуманоста на дело, „Новогодишен сон” ќе израдува многу семејства од социјален ризик
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска