Пред продолжување на подготовките на Маврово, играчите, стручниот штаб и управата на ГРК Охрид денеска беа на прием кај градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој е најголемиот поддржувач на клубот во секаква смисла.

Пецаков на играчите и стручниот штаб им посака успешни подготовки и уште поуспешна сезона во која цел е излез во Европа, истакнувајќи дека Градот цврсто стои зад клубот од кој во новото првенство се очекуваат добри резултати.

Тренерот на ГРК Охрид, Стевче Алушовски, истакна дека подготовките се одвиваат во посакуваниот правец најавувајќи дека претстои финално брусење на формата и воигрување на екипата пред стартот на првенството.

Во знак на благодарност за поддршката, капитенот на ГРК Охрид, Иван Тасески, на градоначалникот Пецаков, инаку поранешен ракометен голман, му подари дрес со број 1.

По враќање од подготовките во Маврово, каде ќе одигра контролен натпревар со Вардар, ГРК Охрид ќе настапи на турнирот „Крсте Андоновски Усташ“ што од 23 до 26 август ќе се игра во салата „Билјанини извори“. Новото првенство во Супер лигата почнува на 9 септември со Езерско дерби во Струга.

Г.М
Фото: А. Момироска