Охридскиот фудбалски клуб не успеа да се пласира во Првата македонска фудбалска лига, претрпувајќи драматичен пораз на пенали од Ренова, но го обедени и сплои градот, кој два дена пулсираше со „рибарите“. По тој повод фудбалерите на Охрид, управата и логистиката имаа свечен прием кај Градоначалникот Констанин Георгиески, кој директно од трибините го следеше бараж натпреварот.

Прво што морам и можам да кажам дека ме импресиониравте со борбената игра. Ниту еден член од нашата делегација на трибините не остана имун на вашата претстава. Не сакам да одите со наведните глави, туку да ги исправите и да ги кренете горе, бидејќи дадовте се од срце за Охрид. Јас ви најавувам поголема поддршка во секоја форма за следната сезона за да го направиме последниот чекор до влез во Првата лига, – изјави Георгиески.

Претседателот на ФК Охрид Љупчо Грданоски изрази благодарност до градоначалникот за поддршката, а капитените Наум Вељаноски и Ромео Кочоски му врачија дрес и благодарница.

Верувам дека ги направивме охриѓани горди во текот на натпреварувачката сезона. Мило ми е што се врати интересот за фудбалот, а екипата ние составена со искусни фудбалери и охридски млади играчи. Продолжуваме во исто темпо, со надеж дека ќе успееме да го оствариме зацртаното, – рече Грданоски.

Збор на приемот зеде и охридската фудбалска легенда Драган Бочески кој е тренер на екипата.

Во тимот владееше добра хемија, атмосферата беше на завидно ниво. Јас цел живот сум во фудбалот, а во охридскиот директно вклучен околу 20 години. Клуб со ваква функционирање немало одамна. – истакна Бочески.

„Рибарите“ со денешниот тренинг и состанок ја завршуваат сезоната, а подготовките за новата ќе ги започнат на стартот од јули месец.

Мх.П.