Дерби натпреварот од 12 коло во ракометната Супер лига му припадна на ГРК Охрид. Вечерва во извонредна атмосфера, во спортската сала “Билјанини извори” ГРК Охрид го совлада ГРК Тиквеш 2014 со 36:31 (полувреме 15:11).
“Гладијаторите” во мечот кој може да биде клучен за втората позиција во групата А, влегоа максимално мотивирано, со многу жар. Домашните играчи “гинеа” за секоја топка, а тоа го почувствува публиката која и вечерва беше осмиот играч на Охрид.
Најефикасен во редовите на Охрид, кој одигра тимски во двата правци, беше словенечкиот интернационалец Гал Цирар со 9 гола, а на голот брилјираше Ѓорѓески со 14 одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Цирар: 9, Орјоникидзе 8, Шешиќ 7, Ојлески 6, Шафранко 3, Тасески 2, Бојаниќ 1, Ѓорѓески 14 одбрани.
Со оваа победа ГРК Охрид на две кола до крајот на регионалниот дел од сезоната, се доближи на 3 бода до Тиквеш кој се уште е на 2 место на табелата во групата А од Супер лигата, што гарантира подобро бодови салдо во плеј-офот.
До крајот на регуларниот дел Охрид ќе се сретне со Аеродром и Скопје, додека на Тиквеш му претстои натпревар со водечкиот Алкалоид во Кавадарци.
Доколку на крајот бодовно се израмнат, Охрид ќе биде втор бидејќи има подобар меѓусебен скор. Во Кавадарци Охрид загуби со 2 разлика, а дома победи со +5.
Фото галерија:
ГРК Охрид го совлада Тиквеш
Г.М.
Фото: А. Момироска
Видео: Ричард Калајџи/Бобан Стојаноски