Со акватлон и трка со традицинални охридски кајчиња во спортскиот дел и концерт на Битолскиот камерен оркестар, заврши првото издание на Фестивалот на водени спортови.

Манифестацијата целосно ги оправда очекувањата, дотолку повеќе што се работи за уникатен концепт кој ги спојува потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со добра музичка и гастриономска понуда.

Од 19 до 27 август охриѓани и гостите имаа можност да проследат 17 спортски натпревари, дел и од забавен карактер. Веслање, кајак, пливање, едрење, нуркање, пловење со СУП даски, водени лудории беа дел од спортската програма на фестивалот, а круна беше Охридскиот пливачки маратон на кој оваа година паднаа рекордите во машка и женска конкуренција.

Ohrid water festival понуди богата програма и во социјално-едукативниот дел кој беше исполнет со концерти, изложби, слоу-фуд храна и производи подготвени од локални производители. Во рамки на фестивалот се одржа и панел дискусија „Охридското Езеро, валоризација на вредностите како пат кон идните бенефити“.

Социјално-едукативната програма синоќа беше заокружена со концерт на Битолскиот камерен оркестар, кој беше вистинско уживање за љубителите на добриот звук.

Енергијата на завршниот настан од Ohrid Water Festival покажа дека на градот одамна му недостигаат вакви настани. Сега ни останува да ги сублимираме впечатоците и да започне подготовка за наредното издание, вели градоначалникот на Охрид и голем поддржувач на спорот, Кирил Пецаков.

Фестивалот на водени спортови го помогнаа Општина Охрид, Телеком, Шпаркасе банка, Пивара Скопје, Кармен Бауцентар, ЛТХ, како и други помагатели, институции и бројни волонтери без чија поддршка нема да беше можно да се одржи еден ваков настан чија цел е промоција на водените спортови, но и на Охрид на еден креативен начин преку спортски, културно-забавни и едукативни активности.

Г. Момироски