Над дваесет и пет едриличари од клубовите „Акватика Јахринг“ од Охрид и „Снегар“ од Струга учествуваат на критериската регата, прва во календарот на Едриличарската федерација на Македонија оваа година, што се одржува викендов на Охридското Езеро.
Технички организатор на регатата е клубот „Акватика Јахтинг“.
Ова е трето издание на критериската регата, која од година во година расте како настан, но и ја буди свеста за заштита на Охридското Езеро. Планирани се седум трки и се надеваме дека временските прилики ќе ни дозволат да ги реализираме сите. – рече Стефан Ставрев, претседател на „Акватика јахтинг“.
Регатата и оваа година се одржува под покровителство на Групацијата „Сава“, „Сава пензиско“ и „Сава осигурување“, и повторно има еколошко мото – „Заедно за иднината на Езерото“.
„Сава“ групацијата е општо позната како групација којашто во својот профил на работење има за цел заштита на водите. Охридското Езеро е еден од најстарите басени со питка вода во Европа и во светот и сметам дека со овие активности и промоција на ваков еколошки спорт придонесуваме за заштита на водите. Да уживаме убаво, да се воодушевуваме на спортот и убавината на езерото и да бидеме задоволни што го имаме овој еко систем кај нас. – истакна на отворањето на регатата Петар Талески од „Сава“ групацијата.
Натпреварите се одржуваат во класите Оптимист и ИЛКА 4. Пласманот ќе биде комплетиран утре, а најдобрите ќе обезбедат учество на меѓународните натпревари кои претстојат.
Фото галерија:
Првата критериска едриличарска регата сезонава со еко порака за заштита на Охридското Езеро
Г. Момироски
Фото: Бобан Стојаноски/ Горан Момироски/ Димитар Цавкулоски