Локални специјалитети подготвени на традиционален начин, макала, џемови, мед, млечни производи, органски одгледана и подготвена храна, вино и ракија од охридското поднебје и многу други автохтони прехрамбени производи направени од вредните раце на членовите на „Слоу фуд Охрид“ беа изложени на третото издание на гастрономскиот настан „Вкусете го Охрид – локално“, што се одржа вечерва на плоштадот кај „Долна Порта“.
Посетителите имаа можност да вкусат специјалитети карактеристични за Охридскиот регион и да се запознаат со бројни локални производи направени со многу љубов.
Целта на настанот е промоција на бавна храна наспроти трендот на брза неквалитетна храна и, секако, промоција на Охрид и локалните производители на квалитетна храна, вино и дестилати.
Настанот „Вкусете го Охрид, локално“ е поддржан од Општина Охрид и „Слоу Фуд Македонија“.
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска