Изминатиот викенд во Охрид, за прв пат се одржа изложба на украсни птици (гулаби) со натпреварувачки карактер, на која учествуваа повеќе клубови од нашата земја. Изложбата, инаку воопшто прва по подолг период во државата, е голем чекор напред за сите клубови и одгледувачи на украсни птици и ситни животни во Македонија, кои негуваат мошне стара традиција.
Оваа изложба е наша прва после подолг период. Се надевам дека нема да биде и последна. Сите ветивме дека ќе одржуваме контакти и ќе продолжиме да се собираме еднаш или два пати годишно, – рече Тане Србиноски, инаку главен виновник што ваква изложба се одржа во Охрид.
Чест и задоволство беше да се биде гостин во охридско-струшкиот крај кој има врвни огледувачи и познавачи на украсните птици и ситни животни, вели тетовчанецот Ванчо Илиески. Истакнува дека одгледувачите на украсни птици и ситни животни се чувари на традицијата. Овој крај е познат охридскиот гулаб типлер (летач) кој во гулабарството има значење како лебедот и охридската пастрмка, посочува Ванчо.
Многу ми е мило што во Охрид кој негува голема култура и традиција почнуваме една нова ера во гулабарството. Треба и мора да се почитува гулабарството бидејќи ние имаме некои автохтони видови кои се познати ширум светот. – додаде Илиески.
Поради светската криза предизвикана од вирусот ковид -19, гулабарите од Македонија не можат да учествуваат на изложби и натпревари надвор од земјата, од каде редовно се враќаат со признанија и одличја.
Препознатливи сме по начинот на одгледување, бидејќи се фокусираме максимално. Луѓето обично украсните птици ги одгледуваат за хоби, но ние максимално им се посветуваме. – истакна Борче Ристески.
Фото галерија:
За прв пат Охрид домаќин на изложба на украсни птици и ситни животни
OhridNews