На неколку локации во стариот дел од градот, по чаршијата и на бродот „Армада“, денеска, во Охрид се снимаше еден дел од навивачката химна „Одиме на Европско“, специјално посветена за Фудбалската репрезентација на Македонија, која летово за прв пат ќе биде дел од европската репрезентативна елита.
Победата над Грузија во финалето од баражот во УЕФА Лигата на нации и пласманот на Европското првенство уште вечерта биле голема мотивација и инспирација за Саше Лјолес, кој е автор на текстот.
Еуфоријата која ја зафати целата земја, вклучувајќи ме и мене, ме натера да седнам и во еден здив да го напишам текстот. После спласнување на еуфоријата со Петар Младеновски (Пеце Суперхикс), седнавме и ја комплетиравме песната со текст и музика. Навивачката химна е поддржана од Фудбалската федерација на Македонија. Ние без конкурс, самоиницијативно ја понудивме и ФФМ после разгледување ја прифати како официјална навивачка песна, – истакна Лјолес.
Во Охрид беше петти ден од снимањето на видео записот. До сега екипата Мелем продукција била во Св. Николе, Велес, Крушево и Битола. Следниве денови со снимање ќе се продолжи во Гостивар и Маврово, а ќе се финишира во Скопје, – истакна нашиот соговорник.
Ние како екипа се надеваме дека ќе направиме епско дело, кое ќе остане во аналите на македонскиот спорт. Фудбалерите многу заслужуваат за успехот, а токму нивните победи и остварувањето на нашиот сон не водат низ снимањата и се што е поврзано околу песната и спотот, – дополни Лјолес.
Соговорниот рече дека реакцијата на луѓето е многу позитивна, особено, во вакви времиња каде поради рестриктивните мерки и протоколи за време на пандемија го отеженуваат дружењето и не може да се сподели радоста.
Обично секогаш при снимање имаме проблем со статисти, овој пат, сами се нудат и пријавуваат. Сакам да изразам голема благодарност до Охрид, охриѓани и Филип Ангеличин-Жура, кои се покажаа како добри и срдечни домаќини, – рече Лјолес.
Тој откри дека репрезентативците и стручниот штаб биле многу опуштени за време на снимањето на спотот и дека било многу лесно да се соработува, затоа што биле професионални и во целост го почитувале договореното пред почетокот.
Во специјалниот формиран бенд за навивачката химна ВИС Рисови, покрај Лјолес и Пеце Суперхикс се Никола Бочваров, Танче Грозданов и Слободан Хаџи-Илиев. Комплетната песна со видео спот ќе биде промовирана до крајот на овој месеци или на почетокот од следниот.
Напред Македонија!
Мх.П.
Фото: Мх.П./Мега Продукција