Голема борба во вода и прекрасна атмосфера со спектакуларни моменти го одбележаа 35 издание на Охридскиот пливачки маратон, што се одржа вчера на Охридското Езеро.

Матијас Дијас Хернандес – Аргентина, победник на 35 Охридски пливачки маратон. Фото: А. Момироска

Поради добро познатите проблеми, годинава Охридскиот маратон се одржа во доцен термин, во септември. Периодот за организација беше краток, а на маратонот се пријавија само осуммина пливачи. Тие докажаа дека бројката не е секогаш најважна, приредувајќи добра трка на немирното Охридско Езеро кое го брануваше југозападен ветер.

Загревањето пред стартот во Св. Наум почна околу 9 часот. Премачкување, растегнување и последни информации пред почетокот на маратонската трка.

Иако се подготвуваа за голем напор, атмосферата пред стартот на маратонската трка беше опуштена. Натпреварувачите, техничкиот персонал, лекарските екипи, судиите и спасувачките служби беа во добро расположение, а не изостана и поддршката за пливачите од официјалните лица.

Стартот на маратонот го означи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков. Точно во 10 часот пливачите ја започнаа 25-километарската трка до целта на кејот во Охрид.

Во вода осуммина, пратени од стотина официјални лица кои беа неуморна логистика во пловните објекти и на копно.

Времснките услови на моменти го диктираа темпото во свежата езерска вода со температура од 21,5 степени Целзиусови.

На целта пливачите се бореа со брановите што дополнително им ја отежнуваше ионака тешката задача. Во завршните моменти од трката поддршка им беа охриѓани кои со аплаузи ги бодреа маратонците.

Поддршка за маратонците стигна и од воздух.

Неколку падобранци по ветровитото време со развеано македонско знаме и знаме на градот атерираа во брановите во близина на целта.

Прв на целта доплива Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес со време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки. Втор беше  Франческо Гетини од Италија (5:54:51.2), а трет нашиот Евгениј Поп Ацев (6:16:16.3). Во женска конкуренција единствената натпреварувачка беше Агрентинката Рита Ванеса Гарсија, додека двајца натпреварувачи не ја завршија трката. За победникот ловоров венец, пехар и честитки од организаторот.

Охридскиот пливачки маратон успешно го организираше Општина Охрид во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатот беше ПК „Охридски бранови“. Наградниот фонд изнесуваше 10000 евра, а победникот инкасираше 1100 евра. Сите трошоци околу организацијата, доаѓањето и сместувањето на маратонците ги покри градот Охрид со поддршка на спонзори и помагатели.

Охридската маратонска приказна продолжува!

Г. Момироски
Фото: А. Момироска