„Пази корона!“, „Вода дан требиТ?“, „Ти ја имаш силата да истрчаш!“, „Збрзни плата имаТ“, „Струга спијаТ, Охрид трчаТ“ беа само дел одпораки од Културолошката иницијатива 5 до 12 за учесниците на Атлетската манифестација на „Охрид трчаТ“. Специјалните пораки беа вистинско освежување на самата трка и дополнителна мотивација за учесниците кои трчаа на полумаратонот (21 километар) или на рекреативната трка од 5 километри.

Сакавме да бидеме иновативни и да го задржиме охридскиот стил, а да ја подигнеме атмосферата и да бидеме мотивација за тркачите. Вметнавме и некои интернационални пораки кои се поврзани со спортот и мислам дека успеавме во намерата. Од вкупно 40 специјални пораки одбравме 15 кои беа распоредени по целата траса на трката. Другите 25 и уште некои идеи ќе ги оставиме за следната година. – изјави тим лидерот од Култоролошката иницијатива 5 до 12, Јован Цветкоски.

Волонтерите се неизбежен сегмент на секој спортски или било каков успешен настан во светот. Со одговорни и одлични волонтери може да се пофали и Охрид трчаТ.

Во период на криза, како моменталнава многу е тешко да се најдат момци и девојки кои ќе одговорат на предизвикот како што е волонтерството, посебно за манифестација која е заштитен знак на нашиот Охрид, Охрид ТрчаТ. Девојките и момците, ученици во охридската Гимназија , економското училиште но и повозрасни, морам од таа група да го споменам Филип Неделкоски, се нафатија и успешно се справија со волонтерскиот предизвик на Охрид трчаТ. Распоредени беа на продажниот штанд на Охрид трчаТ и долж целата патека и одлични си ги извршија своите задачи. Горд сум што водев ваква група и продолжуваме со работа за брзо подготвувајќи се за следниот Охрид ТрчаТ. Големо браво за сите! – рече Стефан Каневче.

Црвениот Крст од Охрид и оваа година беше на ниво од задачата грижејќи се за терминалниот скрининг и здравјето на тркачите. Со вкупно 28 лица беше покриена целата патека.

Согласно моменталната ситуација, наоѓајќи се во време на пандемија од коронавирусот, екипите дополнително се погрижија за спроведување на протоколите и препораките за справување со самиот вирус. При самиот старт на сите натпреварувачи им беше измерена телесна температура и дезинфекција на раце. Во зоната за старт сите натпреварувачи носеа заштитни маски, а секако и по пристигнување на целта. – истакна координаторот за прва помош Георги Ставрески.

„Охрид трчаТ“ со посебен банер на социјалните мрежи упати благодарност до волонтерите кои се срце и душа на секој успешен настан.

OhridNews