Фудбалерите на Охрид, денеска, со состанок со клупската управа и тренинг под палката на Драган Бочески на СРЦ „Билјанини Извори“ стартуваа со подготовките за новата натпреварувачка сезона во Втората македонска фудбалска лига-запад.
„Рибарите“ го задржаа костурот на екипата од минатата сезона кој го одведе клубот во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига. За сега нови имиња во охридскиот фудбалски клуб се Игор Клечкароски, Мурат Адили и Сашо Шопоски, а во теков на неделава ќе бидат промовирани останатите засилувања. Охриѓани ги задржаа голманот Никола Симоновски, дефанзивците Љупче Трпески, Ромео Кочоски, Александар Бакулески, Виктор Наумовски, Дарко Цветаноски, Славе Маркоски и Атдхе Мазари.
Стартувавме со голем елан и позитивна енергија. Формираме респектабилна екипа која ќе води рамноправна битка на терените во Втората лига, – изјавија од клубот.
Охрид во текот на подготовките ќе одигра седум контролни средби. Неофицијално, мечевите во Втората лига стартуваат на 21 август.
Мх.П.